На ручек со Microsoft

Најверојатно кога се потпишува некој договор, двете страни треба да понудат аргументи, зошто би го потпишале или не би го потпишале договорот. Едните нека речат нам ни треба ова и ова, другите ќе речат епа ние можеме само ова. И по 2-3 часа дискусија, договорот е потпишан. Излегуваат на прес-конференција и прогласуваат почеток на соработка.Весниците се преплавени со реклами од типот, партнерство, љубов, просперитет, самодоверба, стабилност...ефтина реклама со убав дизајн, за оние кои веруваат во чудата на Microsoft да речат "видете бе колку ги бива, па направиле 3D реклама, која ноќе свети". Апсурдно е тоа што рекламираат легалност. "Внимавајте да биде легално". Мислам дека подобар и постручен слоган би бил "Внимавајте да биде од Microsoft". Ако треба да е легално, тогаш она што Linux како решение го нуди е најлегално. GPL, стабилност, брзина и ефикасност. Но ако посегнете по тоа, ќе ви речат „може да користите и тоа ама ќе ве имаме на око“ и во следниот весник ќе излезе реклама „Цената на производите на Microsoft е иста колку и еден деловен ручек...“. Само, не кажуваат дали тоа е вкупната цена на ручеци од целата година. Така, ќе одиме на ручек кај некој кој го претставува чичкото со очила, кој пак нема врска каде е Македонија, а камоли што се случува тука, па ќе рече „Сега ќе ручаме и цела цена што ќе ја платам за ручекот ќе биде иста како што вие би ја платиле и за наш производ“. Така седнуваат во луксузен ресторан, нарачуваат некој Chivas аперитив, да наздрават. Потоа следува мозоче од јагне, поховано, со прелив од пасирани корнишони и мајонез, проследено со лажичка кавијар. Типот ќе нарача уште по еден аперитив, по што ќе дојде главното јадење. Но, келнерот се лути. Секојпат кога доаѓа никој не му остава бакшиш. Секогаш кога ќе повикаш некаква услуга имај на ум да оставиш... 50-тина долари. Сега келнерот е задоволен. И моментот на вистината, главното јадење. Едно печено прасе со јаболко во устата, наоколу компирчиња и отстрането мрсно месо, лимон, 120 годишно вино од најдобрите лозови полиња на Франција, повторно кавијар и по еден ордевер на човек. По ова следува десертот. На келнерот му се наплаќа цената за повикување. За десерт: крем-карамел прелиен со течен карамел, со црешна, и шлаг од јагода. Ама сега видиш, нема лажичка. „Келнер...нема лажичка“. А овој сега си вика, “А за тоа ќе треба плус да платите. Како сакате да јадете без лажичка? Ако сакате може да платите 50% од цената на лажичката, 20% земете вие, 30% јас и никој да не знае“. Погодено. И каде е сега договорот? Момент...„Сметката“. Доаѓа келнерот и ја носи сметката, 650$. Да, не чудете се, ова е Америка, земја каде виното и кавијарот не се луксуз. Еден оброк ќе ве чини толку. Сакате зделка? Но...и тогаш се јавува гласот „Внимавај да биде легално...“ и одлучувате. Но од тие 20% што ги зедовме од келнерот 10% за вас? Готово. И така, ќе бидете најадени, напиени, ќе имате десерт и по некое време во поштенското сандаче ќе најдете сметка на која е напишана цената на оброкот. Деловен оброк кој чини 650$. Си викате, ех јас толку за јадење платив, па сега за софтвер нема да правам проблеми. И одделувате 3-4 ваши плати и си купувате Windows.
Среќна зделка...
Кога ќе се вратите во Македонија ќе бидете среќен на тоа што никој вам ништо не ви може. Тие 10% не се легални пари. А сепак сеуште функционираме и сега не се јавуваат оние од ММФ или од ЕУ да потенцираат на забелешките што ги објави Антикорупциската комисија. Зошто сега не предложат да се намали корупцијата? Тие го казнија Мicrosoft со повеќе од 630 милиони евра. А болно е што сето тоа ќе го плаќаме ние. Можеби не забележувате, но веќе се поскапија бензинот и одредени прехрамбени продукти. Можеби овој договор не е причина за тоа, но во секој случај има огромен одлив на средства од буџетот кој го полниме ние граѓаните и кој треба да биде повторно пополнет. Зошто сега некој да го троши она што ние го правиме легално, на начин што однадвор е легален, а впрочем трул? Можеме да бојкотираме се, можеме да им се качиме на грб на виновниците за потпишувањето на договорот, но сето тоа ќе се сведе на оние 10%. Или да собереме пари, ќе ни требаат нешто повеќе од 1 милион евра и да „шарнеме“ колку пак да се разгледа договорот.
Народот избра некој што сега избира начин без да го запраша народот. Така тие им враќаат ним. Тоа е благодарноста што и се нуди на Македонија. И покрај сите расправии и множења и делења, ние сме за развој на фирмите во Македонија што се занимаваат со информатички бизниси, а колку сето тоа е реално за да биде легално, нека одлучи народот, но не прашувајте го сега, прашајте го по 5 години кога ќе се појават големите минуси од веќе активниот договор.
Александар Балаловски
координатор на Lugola
Забелешка: Секој текст од одделот "Колумна" е личен став само на авторот на тој текст.
- Најавете се за да испраќате коментари
- Најавете се за да испраќате коментари




